Web Statistics Камчеви, класични крими ,,репери,, - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Ова е опис на патот по кој семејството Камчеви стана пребогато, на грбот на граѓаните. Со помош на профитери избрани на избори...

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Опис е на начинот, во два дела, како Камчеви тргнаа и стигнаа до капиталот за отворање на ФОНДАЦИЈА во Швајцарија која подоцна ,,инвестираше,, во Македонија за да биде отворена ,,Мала Богородица,, па трансформирана во ,,Систина,, за на крај да стане ,,Аџибадем Систина,,, болница со наводно турски капитал. Зад целата операција стои дрско украден капитал од Буџетот на Република Македонија. Во јавното обвинителство постои комплетна документација според која може да се состави мозаикот на финансиската пирамида на Камчеви. Целиот финансиски аранжман со фирмите “Текс-текс”, “Хилдебрандс” и “Наска”, завршувал со монтиран стечај на трите фирми, отворен и затворен во ист ден, на 05. февруари 2003 година во Основен суд Скопје 1. Сите три фирми, чии седишта биле во скопските села Сарај, Кондово и Грчец, кон државата по стечајот останале должни за огромни пари. “Текс-текс” должи 150.403.271 денари, “Хилдебрандс” 89.061.614 денари и “Наска” 3.185.262 денари. Или преведено во странска валута, по еднодневната отворена и затворена стечајна постапка, трите останале должни вкупно 3.783.000 евра.

Во сите три фирми, кои биле опфатени и со кривична истрага, кружно се менувале управителите, основачите, седиштата а и книговодителите. Во “Наска” директорувале Браниша Младеновски, Јелица Момчиловиќ, Наталија Стојческа и Кристина Тутунова. Оваа фирма дури четири пати го менувала книговодителството, еднаш било водено од фирмата “Текс-текс”, па во “Орка Холдинг”, па “Хилдебрандс” и пак назад во “Текс-текс”. И основачите на “Наска” се менувале циклично. Прво се јавува “Орка Холдинг”, па потоа се појавуваат и фирми од странство. “Виквуд” од Хонг Конг и “Xерома” од Британските Девствени Острови. Иста е состојбата и со “Текс-текс”. Се смениле четири управители: Насте Деспотовски, па Кристина Камчева, Виктор Андоновски и повторно Насте Деспотовски. Исто толку пати биле менувани и книговодителите. Ништо поразлична не била состојбата и во “Хилдебрандс”. Основана од “Орка Холдинг”, менува четирипати управители, застапници и книговодители. Директори биле Браниша Младеновски, Јордан Камчев, Петар Јовановски и пак Браниша Младеновски. Сметките на фирмите исто така мигрирале од банка до банка, час во “Стопанска банка”, час во “Македонска банка”. И така во круг.

Сето ова било правено со една единствена цел. Парите заработени на незаконски начин, да бидат одбранети и заштитени од очите на инспекторите преку постојано менување на управители, книговодители и седишта. Бил создаден правно-финансиски лавиринт во кој инспекторите при секоја контрола биле преупатувани седиштето на било која од трите фирми да го бараат на други нови адреси. Во момент кога ќе влезеле во некаква трага, им бил покажуван документ дека “Орка Холдинг” има седиште во простории кои се сопственост на СДСМ. А со оваа моќна партија, како ни со ВМРО ДПМНЕ подоцна ниту еден инспектор не сакал да си има работа. Со двете пак никако! Сепак и покрај сите сили, усилби на Камчеви и сите напори на нивните институционални помагачи и политички фактори во државава, на крај сепак завршиле на обвинителна клупа, пред истражен судија, со кривични пријави. Но, Камчеви тогаш манифестирале и колку навистина се моќни и влијателни и во судството. За погоре опишаните дејствија, оценети како кривични дела, им биле поднесени кривични пријави.

Била отворена и истражна постапка (ВИДИ ПРИЛОГ). И што се случило? Сите обвинети биле сослушувани пред истражниот судија Бојана Давидовиќ. Советувани од адокатите Богољуб Софрониевски и Антонио Апостолски, обвинетите Браниша Младеновски, Петар Јовановски, Насте Деспотовски, Ратка Камчева Куновска и Јордан Камчев – откако им било прочитано обвинението, се бранеле со молчење. Кристина Камчева не била сослушувана од здравствени причини. Истражната судијка Бојана Давидовиќ направила еден намерен пропуст. Испратила покана до заменик јавниот обвинител кој го застапувал предметот во име на Обвинителството, за сослушување на Камчеви на 23. јуни 2004 година. Ги сослушувала обвинетите Младеновски и Јовановски токму на тој датум, но не го известила заменик јавниот обвинител дека Ратка и Јордан Камчев веќе биле сослушани еден ден порано, на 22. јуни, без присуство на претставник на обвинителството. Со што била прекршена законската процедура ама кому му се битни законите кога се во прашање такви величини. Од записниците составени при сослушувањето на Камчеви, јасно се чита дека на тој дел од постапката што се води против нив не бил присутен заменик јавен обвинител. За ова подоцна Обвинителството составило и посебна информација до УЈП од каде било барано објаснување за сите преземени активности во текот на истрагата. Па и за играта со поканата на заменикот јавен обвинител за 23. јуни, а “сослушувањето” веќе се случило ден порано.

По сето ова, уплашен од можната одмазда на СДСМ заради приближувањето до ВМРО ДПМНЕ, Јордан Камчев исчезнува од Македонија. Под закана за притвор, избива од државата подолго време. Се враќа дури пред парламентарните избори 2006, откако од страна на структури во СДСМ, во обвинителството и судството му се гарантира дека во притвор ќе помине само една ноќ, колку да се задоволат јавноста и медиумите секогаш гладни за сензации. Веќе крајно близок до ВМРО ДПМНЕ, Јордан Камчев триумфално се врати, преспа една ноќ во Шутка, придружуван од висок полициски функционер, кој бдеел нешто непредвидено да не му се случи на миленикот на сите власти наназад 25 години. Но, дури и по оваа “операција” приказната со Камчеви не беше затворена. УЈП и натаму побаруваше огромни суми на пари исцицани од државната благајна преку незаконски поврат на ДДВ. Од сите финансиски контроли спроведени во нивното холдинг опкружување, години наназад само се констатира дека никогаш не престанале со осиромашување на буџетската каса и дека ниту по сите обвиненија и спроведени истраги не престанале со издавање на фиктивни фактури со огромни износи и со незаконски поврат на ДДВ по тој основ.

Последната кривична пријава против нив е поднесена на 13. јули 2006 година (Александар Прчевски ја потпишал), осум дена по тогашните парламентарни избори. Оваа кривична пријава е архивирана во обвинителството на 14. јули 2006, но по неа до денес, скоро 12 години подоцна, не се постапува. Ова е класичен пример на селективна примена на кривичното право од страна на новиот тогашниот нов состав на Јавното обвинителство, предводено од Љупчо Шврговски, денес адвокат на криминалците кои тогаш не ги процесуирал. За да биде појасно за што станува збор, ќе подсетиме дека во ноември 2006 година беше спроведена истрага за даночното затајување во случајот ТК Прилеп-Ангатера Трејдинг. Кривичната пријава против актерите во тој случај е изготвена врз основа на наоди и контроли од УЈП, Обвинителството дало предлог за притвор на осомничените по што сите завршија во притвор, па подоцна беа осудени и одлежаа затворски казни. Селективноста се состои во тоа што кривичната пријава што од УЈП е поднесена против Камчеви на 14. јули 2006. е архивирана само еден ден пред кривичната против инволвираните во случајот ТКП. Камчеви никогаш не се процесуирани. А Тапано и Цванцико своето си го одлежаја!

Во нивниот случај, УЈП констатирала дека осомничениот Јордан Камчев како управител на “Орка Холдинг” а. д. Скопје, во период кога фирмата била преименувана и со преместено седиште во ХООР а. д. Кавадарци, иако знаел дека ова правно лице е неспособно за плаќање, го оштетил министерството за финансии во вкупен износ од 322.918.371 денари. Тој свесно склучил НАМЕРНО штетен договор со американската фирма Глобал Фајнанс Груп ДОО од Њукасл, САД, под бр. 03-596/02, при што ФИКТИВНО се обврзал дека ќе изработи 90.000 комплети воени униформи, вредни 8,5 милиони УСД или 427,5 милиони денари. Испораката на униформите од Договорот ја “обезбедил” со основање заложно право врз најголемиот дел од имотот на ХООР а. д. Измамата се состои во тоа што поради претходните постапки спроведени врз работењето на Камчеви, Орка Холдинг и сите фирми капитално поврзани со нив, веќе биле воспоставени забрани за располагање со имотот. Веќе објаснувавме со колкави суми Камчеви претходно биле задолжени, заради што биле под истрага. Така да, измамата не можела да помине уште еднаш со истиот имот, истите актери, истите фирми. Инаку, овој имот веќе бил еднаш заложен кај Глобал Фајнанс Груп (и ова е фирма во сопственост на Камчеви), на 03. 02. 2005 година, пред отварање на стечајната постапка. Најинтересно од се е дека стечајот врз ХООР е отворен по предлог на Глобал Фајнанс Груп од САД, ама претходно, на 13. 09. 2005 година ХООР и Глобал Фајнанс Груп потпишале Договор за хипотека според кој ГФГ станал најповластен доверител по отварање на стечајната постапка во ХООР.

Разгледувајќи го текот на сите овие незаконски трансакции, УЈП на крај констатира дека Договорот за испорака на униформи е само уште едно фиктивно покритие за да се оштети државата за нови милионски суми по основ на поврат на ДДВ. Поради овие незаконски дејствија, Јордан Камчев ја заработил последната кривична пријава од 13. јули 2006 по која еве до денес, февруари 2018 воопшто не се постапува. Инаку, за да нема забуна во јавноста ќе кажеме и дека воените униформи никогаш и никаде не биле испорачани, ниту пак биле изработени. Царинската управа на барање од УЈП извршила контрола бр 03-8/1 на 03. јули 2006 година при што било констатирано дека никакви воени униформи не се извезени за странски добавувач, во случајов Глобал Фајнанс Груп. УЈП по основ на даночни обврски од семејството Камчеви побарува 322.918.371 денари од 2006 година. Нив за ова никој не ги гони. Камчеви пак од своја страна, осилени прво поради блискоста со министерот за правда Михајло Маневски и неговата сопруга Филимена, а особено осоколени по кумството на тогаш по втор пат тазе женетиот Јордан Камчев со директорот на УБК Сашо Мијалков, се чувствувале сигурно под безбедносниот чадор на Владата на Груевски. Безбедни се и под чадорот на владата на Зоран Заев. Нема најави за ревизија на нивното работење. Поради Камчеви, Никола Груевски од своја и Љупчо Шврговски и потоа Марко Зврлевски од обвинителска страна, не ни смееја да помислат за водење борба против организираниот криминал со која се опфатени и Камчеви. Што ќе преземе новиот обвинител Јовевски ќе почекаме да видиме.

Селективната примена на кривичното право во Македонија, не е нова дисциплина. Ниту изум на Никола Груевски. Тие се само претпоследната колатерална штета на едно од помоќните семејства во Македонија. А Камчеви? Тие сепак се само уште еден цврст и несоборлив доказ дека во Македонија има моќни и недопирливи...

НАПОМЕНА: Тогашната директорка на УЈП, посветена на расчистувањето на криминалот на Камчеви, подносителка на кривичната пријава против нив, ЖЕСТОКО БЕШЕ КАЗНЕТА од режимот на Груевски по барање за одмазда токму од Камчеви!

(утре: САМ НА СЕБЕ ПРОДАВАМ, САМ ОД СЕБЕ КУПУВАМ., вистината за настанувањето на ,,СИСТИНА,,)