Web Statistics Burevesnik - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Помислува ли денес воопшто дека овие негови денешни сопартијци тогаш му биле политички противници и можеле да бидат жртви поради неговата (и на Фрчковски!) налудничава политика по секоја цена да се обезбеди сигурна победа на партијата на која тогаш и припаѓаше – СДСМ. Во нивната тогашна Влада, Поповски беше министер за одбрана. Чувствува ли денес грижа на совест поради неговата тогашна нестручност, самобендисаност и ароганција, поради што неговите денешни колеги можеле да бидат жртви на неговите „посебни единици“, „ударни групи“, „снајперисти“, активирани од него со една единствена цел – по секоја цена да се обезбеди сигурна победа на тогашниот претседател Киро Глигоров и на СДСМ!?

Станува збор за случувањата во октомври 1994. година. Освен животите на денешните му сопартијци, Поповски ги има доведено во опасност и граѓаните кои се најдоа во Скопје вечерта кога ВМРО ДПМНЕ организираше протестен митинг поради фалсификат на изборите што се оддржаа на 16. и 30. Октомври 1994. По тие избори ВМРО ДПМНЕ и Демократската партија предводена од Петар Гошев се повлекоа од учество во политичкиот живот, а СДСМ освои апсолутно мнозинство. Во Собранието на РМ следните четири години немаше ниту еден пратеник од опозицијата. Доколку таа критична вечер Владо Поповски ги реализираше своите налудничави намери, освен присутните на митингот во Скопје, жртва можеше да биде целиот македонски народ во една инсценирана граѓанска војна која малку недостигаше да се случи токму таа ноќ.

Владо Поповски и неговите најблиски соработници никогаш потоа не зборуваа јавно за тогашните случувања. Затоа што Поповски подоцна еволуираше и се трансформираше од докажан социјалдемократ и антивмровец преку либерал кај Стојан Андов, до новокомпониран ВМРО кадар, номинално како градски советник, ама од сенка како неофицијален советник на новото водство на ДПМНЕ предводено од Никола Груевски. Тоа што Владо Поповски го планирал таа вечер јасно е опишано во документот до кој дојдовме во посед и кој ви го даваме на увид. Документот е потпишан од тогашниот близок соработник на Поповски, полковник Драган Стојмановски Млекце.

Мала ретроспектива на настаните

Парламентарните и претседателските избори во 1994 година беа закажани за 16. и 30. Октомври 1994 година. На власт во тој момент е Владата на Бранко Црвенковски и СДСМ. Иако поразени на првите парламентарни избори во 1990. година, несебично помогнати од Киро Глигоров и од наивноста и неискуството на тогашното раководоство на ДПМНЕ, успеејаа да надмудрат тогаш победничката ВМРО ДПМНЕ и нивната т.н. „експертска„ Влада предводена од Никола Кљусев. Брзо после Кљусев, социјалдемократите го елиминираат и нивниот лидер Петар Гошев кој не успева да состави Влада и ја напушта СДСМ формирајки ја својата Демократска партија.

Со тоа започна „златната ера“ на владеењето на СДСМ. Започнува приватизцијата, пропаѓањето на државните фирми, нивното разграбување по багателни цени и создавање на новата олигархија, (денес блиска до новото ДПМНЕ!), доаѓа до масовни отпуштања од работа на илјадници работници, осиромашување на народот... Во исто време, благодарение на ембаргото кон Србија се создава огромна можност за шверц на акцизни стоки (нафта, цигари, лекови, бакар) кое наголемо се практикува со активно учество на голем број тогашни функционери од Владата и министерствата за економија, МВР, Царинските служби... Всушност токму тогаш започнува и практикувањето на т. н. организиран криминал кој ќе стане обележје на наредните две децении на развој на Македонија како независна држава.

Во исто време, МВР под раководство на Љубомир Фрчковски секојдневно предизвикува афера по афера во серија, грубо пресметувајќи се со опозицијата и противниците на режимот (случаи „Дувло„, „Сина птица„, акции по Куклиш, Радовиш, Радолишта, Битпазар, Ѓорче Петров...). Тоа е период и на голем број сомнителни нерасветлени случаеви на убиства или самоубиства на видни личности од македонската политичка и бизнис елита. Истиот или сличен филм гледаме и денес.

СДСМ успева да изгради култ од личноста на претседателот Глигоров со што донекаде успева да ја амортизира негативната перцепција на народот кон Владата иако секојдневно се соочува со масовни реакции на незадоволство на ограбените и осиромашени работници и граѓани. Тоа го користи ВМРО ДПМНЕ и преку бројни активности на терен успева да привлече голем број приврзаници и покрај постојаното нејзино сатанизирање и сеење страв од страна на власта преку контролираните и малубројни медиуми дека доаѓањето на власт на оваа партија ќе ја вовлече земјата во војна која во тој период беснее на југословенските простори.

Затоа, редовните парламентарни и претседателски избори, есента 1994. беа од големо значење за двете најголеми партии. Додека за изборот на претседател исходот беше познат поради изградениот култ на Глигоров и немањето соодветен кандидат од страна на ВМРО ДПМНЕ кој би му парирал, исходот на парламентарните беше неизвесен. Почетокот на кампањата покажа дека народот е со ДПМНЕ кое на секој митинг ги полни плоштадите. Тоа му станува јасно и на СДСМ, а посебно на Глигоров кој во своите говори очајнички вика – „Не ме оставајте сам!„ И со право, оти самиот се увери што значи да бидеш претседател на Република со Влада која не можеш да ја контролираш во 1998. година кога на власт доаѓа владата на ВМРО ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски.

Ваквиот развој на настаните во изборната кампања 1994. година, беше аларм за СДСМ кој ги активира сите потенцијали за победа по секоја цена вклучувајќи ги и државните органи посебно оние на МВР со акцент врз Службата за државна безбедност која неуморно работи на следење, врбување и компромитирање на политичките личности на опозицијата. Но стравот од губење на власта и можноста за одговорност за направените злоупотреби во тој период до 1994. година го прави своето, па е дадено зелено светло за употреба на сите средства победа на изборите по секоја цена. Така, непосредно пред самите избори закажани за 16. 10. 1994. година им се дадени државјанства на 150.000 лица од Косово кои беа доселени во Македонија без регулиран статус, со обврска да гласаат за Киро Глигоров, со што беше осигурена неговата победа уште во првиот круг. Но, за победа и на партијата беа употребени дополнителни методи од кои некои дотогаш беа непознати за јавноста: „бугарски воз„, „гласачи – шетачи„ (едно лице со неколку лични карти да гласа на повеќе места), „купување на гласови„, бркање на претставниците на опозицијата од гласачките места, кршење на кутии во местата каде има неповолни резултати и сл.

Резултатот од тоа е познат – СДСМ победува или води со огромна разлика во речиси сите изборни места во Македонија. ВМРО ДПМНЕ уште во текот на денот укажува на груб фалсификат и се повлекува од изборите закажувајќи протестен митинг на плоштадот Македонија три дена подоцна на 19. 10. 1994. година. Атмосферата е крајно напната и конфликтна до вжештување! Петар Гошев исплашен и не учествува на протестниот митинг, а неговата тогашна Демократска партија ја претставува подоцна трагично загинатиот министер Раде Станојковски, кој самиот е во првите редови на протестите заедно со членовите на КСИО кои раководат со обезбедувањето на митингот.

Дента пред почетокот на митингот делегација на ВМРО ДПМНЕ предводена од Александар Диневски и Иван Соколов го посетува МВР и бара соработка и кординација за безбедно одвивање на митингот. Во разговорот со претставниците на МВР: Диме Ѓурев, тогашен шеф на Службата за јавна безбедност и Алексо Доневски, шеф на СВР Скопје сфаќаат дека МВР има друг план! Имено, на најдиректен начин им е кажано дека со сите сили ќе ги чувале институците на системот - без пардон. На прашањето – Дали тоа значи дека ќе пукате во народот ако се обиде да влезе во Собранието?, нивниот одговор е категоричен и потврден- „Да, без двоумење!!!“ Дека ѓаволот ја однел шегата претставниците на ВМРО се увериле многу брзо. Уште нестигнати до Штабот на партијата, од МВР веќе било пратено соопштение дека наводно тие им се заканиле на МВР дека ќе го запалат Собранието!

Демантот на наводите од ова соопштение пратен од ВМРО ДПМНЕ ниеден медиум не го објавува поради однапред создаденото алиби и оправдување за она што било планирано од страна на органите за безбедност. За активирање на Министерството за одбрана и армиските структури, претставниците на ВМРО ДПМНЕ дознаваат дури откако ќе започне митингот на кој присуствуваат над 50.000 луѓе од цела Македонија. Запаленото црвено светло и реалната опасност од губење на изборите ги принудува челниците на власт, на таен состанок на неколкумина раководители на МВР и МО, да одлучат покрај МВР во овие активности да се вклучи и МО односно Армијата на РМ со што е направен невиден преседан и грубо кршење на Уставот и законите на Република Македонија! Главен идеолог и креатор на таквата атмосфера бил Владо Поповски, министер за одбрана во таа Влада. Документот што го презентираме го докажува токму тоа!

Од него јасно се чита дека се работи за – План за реализација на Оперативна Акција ОА„Избори 94“ (Воена тајна – Строго доверливо). Јасно се чита дека Министерството за одбрана започнало оперативна акција „Избори 94“! Како оправдување за тоа е наведено дека поседувале сознанија дека митингот би можел да биде искористен од „поединци и групи за предизвикување на пошироки немири со крајна цел рушење на органите на власта“. Ваква акција може да се заведе архивски и започне исклучиво со потпис и наредба на тогашниот министер за одбрана Владо Поповски. И НИКОЈ ДРУГ!

Активирањето на МО и АРМ за обезбедуваање на митинзи е апсолутно спротивно со Уставот на РМ и законите. Обезбедувањето на вакви манифестации (собири протести и слично) од секогаш било и сеуште е во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Ова е единствен случај во тоа да биде вклучено и МО и Армијата на РМ, надвор од нејзината уставна и законска позиција. Затоа што, согласно член 122 од Уставот вооружените сили на Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Согласно Уставот и Законот за одбрана армијата се активира кога е констатирана непосредна воена опасност или прогласена воена состојба од страна на Собрането на РМ со двотретинско мнозинство! Предлогот за тоа го дава Советот за безбедност на РМ. Во конкретниот случај ниту била свикана седница на Советот ниту пак заседаваше Собранието, па сепак МО и Армијата активно се вклучиле во попречување на протестниот митинг на опозицијата. Според подоцна потврдени информации активиран е Специјалниот одред на АРМ од кој едната чета била сместена во Домот на АРМ, а другата во Собранието на РМ. На крововите на Собранието, Градската болница во Скопје и станбената (воена) зграда непосредно до Собранието биле поставени снајперисти со задача да ги ликвидираат раководителите на протестот на опозицијата. Подоцна дел од снајперистите и сами им признале на оние кои ги нишанеле тој ден: „Цело време ве имавме на нишан. Чекавме само наредба!!!“, ова се подготвени и денес да потврдат со нотарска изјава, доколку има обвинител кој смее да покрене истрага!

Тоа го потврдува и овој документ (види галерија!) подготвен од страна на Драган Стојмановски Млекце, главниот актер на аферата „Сина птица“, документ одобрен од помошник министерот на БиР (Безбедност и разузнавање) полковник Мирко Аатанасовски и министерот Поповски. Надлежноста на Контраразузнавачкиот центар е утврдена со законот за одбрана и се ангажира во „собирање, документирање и анализирање на разузнавачки податоци значајни за одбраната на Републиката“ (разузнавање) и „откривање и спречување на разузнавачка и друга субверзивна дејност на странски воено-разузнавачки и разузнавачки служби, која се врши во земјата или од странство, а е насочена кон одбраната на Републиката; откривање и спречување на сите форми на терористичка дејност насочена кон одбраната на Републиката и спроведување на контраразузнавачка заштита на задачите, плановите, документите, материјално-техничките средства, подрачјата, зоните и објектите од интерес за одбраната на Републиката (контраразунавачка функција)„. Никаде, во ниеден член нема должност за обезбедување на митинзи, протестни или од друг вид!

Според Планот на министерот Владо Поповски, во првата фаза (етапа) КРЦ преку своите оперативци поставени на два пунктови – во Автокоманда и Ѓорче Петров ја следел состојбата а оперативците ги броеле автобусите и возилата кои пристигнувале во Скопје, за што шифрирано го известуваат Центарот (“поминаа два галеби и три соколи!”). Во станбената зграда до Собранието во стан е поставен набљудувачки центар од кој се вршело тајно набљудување и тајно аудио и видео снимање на митингот.

Во втората етапа вршеле набљудување на самиот митинг со поставување на 4 оперативни групи од по двајца оперативци, додека во третата етапа, во случај на судир на народот со полицијата, овие групи од ударни требало да преминат во „борбени групи“ со формациско наоружување и униформа и тоа „после интервенцијата на силите на специјалниот одред на МО!!!„ Која задача ја имале борбените групи и специјалниот одред не е тешко да се погоди. Интересно е што самиот Драган Стојмановски Млекце на документот своерачно допишал – „Овој дел да се зајакне!„

Во исто време, пред Собранието на РМ Фрчковски поставува огромен контингент полицајци распоредени во седум редови при што првите три реда составени исклучиво од членови или симпатизери на ВМРО ДПМНЕ додека оние зад нив главно од полицајци Албанци и оние наклонети кон СДСМ со задача, во случај да ако некои полицајци се солидаризираат со протестантите да пукаат во нив од зад грб и во самите демонстранти!

Раководството на ВМРО ДОМНЕ ја согледало навреме оваа перфидна игра и додека траел митингот оддржале вонредна седница на Извршниот комитет на партијата во проширен состав, со една единствена точка на дневен ред – дали да се влезе во Собрание или не!? Мислењата биле поделени, при што најгласни за насилно влегување биле токму оние лица за кои подоцна се покажа и докажа дека имале блиски релации со Службите и посебно со министрите Фрчковски и Поповски. Посебно нападни во тој правец биле Доста Димовска, Ѓорги Наумов и Борис Стојменов викан „Брегалница„, додека т. н. радикално крило предводено од Змејковски, Диневски и Соколов биле против, свесни за последиците кои можат да настанат доколку избие конфликт и дојде до вооружена пресметка! Љубчо Георгиевски калкулирал до последен момент, но на крајот сепак се приклонил кон оние кои се залагале за мирна разврска и покрај неправдата со изборниот фалсификат.

Митингот заврши со само еден мал инцидент (фрлено шише врз главата на еден полицаец). Радикалните, милитантни групи кои се споменуваат во документот не се појавиле и останале сон во главите на Поповски, Фрчковски, Млекце, Атанасовски и останатите „душегрижници„ за Македонија. Во една таква зовриена атмосфера граѓанската војна беше најлогична последица! Недостасувал само еден иницидент за детонирање на иницијална каписла и покренување на апаратот под Поповски и Стојмановски. . .

п. с. Сите оперативци на КРЦ (Контра разузнавачки центар) кои биле ангажирани во оваа операција по именувањето на Владо Поповски за директор на Агенцијата за разузнавање се повлечени таму и поставени на високи раководни позиции. Добар дел од оперативците денес се на раководни позиции во УБК, овојпат ангажирани од Мијалков. Новото ДПМНЕ денес наместо единици на АРМ, на Плоштад ја изведува единицата “ТИГАР”...


ЛИЦА КОИ СЕ СПОМЕНУВААТ ВО ДОКУМЕНТОТ НА МО ЗА ИЗБОРИТЕ 1994 ГОДИНА

1. МИРКО АНАСТАСОВСКИ, помошник министер за безбедност и разузнавање
2. НИКЧЕВСКИ МАРКО
3. СТАНКОВСКИ ЗОРАН
4. ЕФРЕМОВ МАРЈАН
5. НЕДЕЛКОВСКИ РИСТО
6. ПЕТКОВ РИСТО
7. ШИМИЌ ЈОСИП
8. КЛИСАРОВ РИСТО
9. ПАВЛОВСКИ СТОЈАН
10. АПОСТОЛОВСКИ ЛАСТЕ
11. ЗАФИРОВСКИ МИРОСЛАВ
12. СТАНКОСКИ ЈОВАН
13. ЈОСИФОВСКИ ФИЛИП
14. РИСТОВСКИ МИЛЕ
15. ЦВЕТАНОВСКИ БЛАГОЈА
16. СТЕФАНОВ МИЌА
17. ИЏЕТ АБДИ
18. ШТЕРЈОСКИ МИЛОРАД
19. ДРАГАН СТОЈМАНОВСКИ – МЛЕКЦЕ, полковник. Началник на КРЦ

  • Креирано на: 06.10.2011
  • Прегледано: 39.344