Web Statistics Burevesnik - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Watch the video

Има ли Бугарија добро разузнавање? Тема на емисијата Слободна зона, во која на 16. јуни гостуваше поранешниот шеф на бугарското разузнавање, генерал Кирчо Киров. Директен повод Киров да му гостува на водителот Георги Коритаров во ,,Слободна зона,, е повеќемесечното објавување на прислушуваните разговори во Македонија, од страна на лидерот на опозицијата Зоран Заев и неговите соработници.

Според негово искажување, како разузнавач, ген. Кирчо Киров кариерата ја поминал во разузнавање на просторите на екс Југославија и Албанија. Службата ја напуштил на почетокот на 2012. година. Генерал Киров не крие, дури експлицитно се изјаснува како разузнавач кој имал активна улога во разбивање на СФРЈ, учествувал во сите најбитни случувања од овој процес. Тема на гостувањето на Кирчо Киров е Македонија и односите со Бугарија, од периодот кога Македонија била социјалистичка република во склоп на Југославија, преку осамостојувањето, до денес. Киров отворено говори за врбуваните членови и функционери на ВМРО ДПМНЕ, кои ги имал на разузнавачка врска, како соработници. Прво зборува за соработничката улога на Љубчо Георгиевски со бугарската тајна служба.

„Со Георгиевски прво работеше мојот колега, разузнавач, дипломат и публицист Велизар Енчев. Енчев и Георгиевски беа мошне блиски од неговите опозициони денови, пред да стане премиер на Македонија. Потоа се вклучив и јас. Во почетокот само присуствував на средбите на колегата Енчев од со Георгиевски. Средбите беа организирани во Бугарија. Зборувам за период пред да стане премиер.„

Велизар Енчев бил гостин во истата емисија на 29. мај и исто така отворено зборувал на оваа иста тема. Дури Енчев во својот настап тврди дека македонската опозиција пред и после осамостојувањето, олицетворена во ВМРО ДПМНЕ била изградена, раководена и развивана директно од страна на Првата управа на бугарското разузнавање!!! Велизар Енчев бил испратен за амбасадор на Бугарија во Загреб, со примарна цел да оддржува врски со Љубчо Георгиевски, Димитар Димитров и Доста Димовска. Генерал Кирчо Киров го потврдува искажувањето на Велизар Енчев од неговото гостување и додава дека до ден денес ги имаат задржано високите оперативни позиции кон Македонија, само не посочува имиња на соработници од актуелната извршна власт во Скопје.

Потоа следува дел од искажувањето за оперативните средби на Киров со Георгиевски, кога водителот Коритаров конкретно прашува: Имавте ли како директор на разузнавањето на Бугарија налог да врбувате соработници од високото политичко ниво во Македонија? Киров не одговара конкретно, не споменува имиња за да не осветлува соработници од политичкиот живот на Македонија кои сеуште се активни , ама јасно и прецизно кажува дека ги врбувал. Кирчо Киров во емисијата открива и една новост. Во периодот на второто премиерување на Бранко Црвенковски, кога премиер на Бугарија беше Симеон Саскобурготски, бугарското разузнавање имало информација дека се подготвува загрозување на безбедноста на Црвенковски ,,од страна на македонски фактор,,. Но, наместо по службени државни канали да го предупредат Црвенковски, оваа информација ја пуштиле преку нивниот соработник Драги Гроздановски, македонски разузнавач, на средба со него на македонска територија близу границата со Бугарија. Информацијата за средбата на Киров со Гроздановски дошла до ушите на Црвенковски, па на првата следна средба во Бугарија меѓу двете служби, македонските разузнавачи пренеле порака од Црвенковски: „Кирчо Киров отвори широк пат меѓу Македонија и Бугарија!„.

Добро е кога веќе ги прегледуваме снимките од гостувањето на генерал Кирчо Киров, да насочиме внимание и кон гостувањето на Велизар Енчев во истата емисија, сликата за кодошите од врвот на ВМРО ДМНЕ да биде комплетна. Енчев многу подетално и поексплицитно зборува за соработката на Љубчо Георгиевски и Доста Димовска со бугарската служба за разузнавање. Дури во неговото гостување се споменува и сума која и била плаќана на Доста Димовска за нејзината соработка. Енчев се сеќава на неговата иницијатива од февруари 1992. кога со посредство на бугарски разузнавач вработен во амбасадата на Бугарија во Белград, успеал Георгиевски и Димовска, во тој период опозиционери, да ги однесе во Софија на средба со Жељу Желев и бугарските разузнавачки офицери кои си ја одработиле својата работа со овие двајца соработници, после нивната средба со Желев. Велизар Енчев многу јасно ги опишува начините и улогата на бугарското разузнавање во помагањето на ВМРО ДПМНЕ, додека биле опозиција да дојдат на власт во 1998. година. Енчев во емисијата покажува и книга во која сето ова е објавено и документирано со цд диск кој е даден како прилог со книгата.

Таа разузнавачко соработничка врска меѓу Енчев и Доста Димовска продолжува и кога таа станува министерка за внатрешни работи во Владата на Љубчо Георгиевски. Енчев себе се претставува како амбасадор на Бугарија во Загреб во тоа време, ама и како соработник на бугарското разузнавање кој Доста Димовска и Љубчо Георгиевски ги ,,сервирал,, на бугарската тајна служба.

На потег е Комисијата за лустрација. Васил Аџиев има доволно елементи да ги лустрира сите споменати во овие две емисии. Доволно е а ги одгледа. Достапни му се и Кирчо Киров и Велизар Енчев....

Архива: 2015година