Web Statistics Burevesnik - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Акцијата „Керозин„ полека но сигурно НЕ добива на интензитет во истрагата. Според мои сознанија, во Шутка е во тек „битпазарски„ тезгарски процес на преговори со главниот актер Љупчо Пецов Ѓаволот, колку и кому треба да му плати за излез на слобода, од каде треба да се брани од идно, монтирано и слабо обвинение, втемелено на злоупотреби од највеќе 60.000 евра...

Пазарот предвидува целата „вина„ за злоупотребите да ја преземе на себе главниот соработник на Пецов во злоупотребите со набавки на нафта за училиштата и јавните институции, Љупчо Темов викан Ѓмата. Се разбира, Темов според „пазарот„ кој е во игра и моментно го „тврдат„ со Сашо Мијалков лица блиски до притворените во акцијата „Керозин„, треба на себе "да го земе делото, вината да си ја признае божем сета е негова". Со тоа за МВР ДПМНЕ би завршил целиот циркус со „Керозин„, Пецов и „АЛМА КОМЕРЦ„ би биле исфрлени од бизнисот по излегување од Шутка, а миленикот на Сашо Мијалков, македонскиот Рус од Неготино, Александар Вељановски Цандо би бил спасен од секаква вина и одговорност (приведуван е па пуштен во почетокот на акцијата „Керозин„!) и би го преземал сиот бизнис во иднина од нокаутираниот Љупчо Пецов Ѓаволот. Се разбира дека ден денес МВР и истрагата ниту збор немаат изустено во врска со наркотрговија и кокаин во случајот „Керозин„. Сеуште оперираат со злоупотреби поврзани со набавки на нафта за греење. А архивата на МВР е преполна со докази за наркотрговија, во која актери се Пецов, Темов, Василевски, Зафиров и останатите. Преполна е со докази за вмешаност во наркотрговија на оваа неготинска екипа со извалканиот полициски началник Трајче Камчев од ПС Неготино.


Иаку, акцијата „Керозин„ уште на денот на приведувањето е водена театрално. Во видео материјалот кој беше приказан во јавноста, како МВР апси возачи од „АЛМА КОМЕРЦ„ никаде нема сцени од апсење и приведување на Љупчо Пецов Ѓаволот и Александар Вељановски Цандо. Уште при апсењето во Неготино, Цандо е издвоен од возачите, не му е одземен мобилниот телефон и можел да контактира со мајка му и индиректно со Сашо Мијалков. Бил смируван дека брзо ќе биде ослободен, само да биде кооперативен и да соработува. И при приведувањето во Неготино и по доведувањето во Скопје во ПС Кисела Вода, Вељановски имал „посебен третман„.


За цело време, додека трае приведувањето на возачите и на Вељановски, слободен е и главниот актер, Љупчо Пецов Ѓаволот. Вооопшто не е приведен, туку подоцна е повикан телефонски и замолен да дојде во Скопје на распит. За тие неколку часа од отпочнувањето на акцијата „Керозин„, Пецов им се јавувал на сите вработени од неговата фирма кои не се уапсени а се плашеле дека ќе бидат опфатени со акцијата, „да не се секираат, тој ќе ги плати сите трошоци и целата штета и за еден месец се ќе се заташка„. На распит во Скопје Ѓаволот оди сам, со неговото „Масерати„, самоуверен и сигурен дека само ќе биде испрашан и веднаш пуштен дома. Но, на негово изненадување, го задржуваат и добива 30 дена притвор, а дома по распитот си оди Александар Вељановски Цандо, кој два дена по почетокот на акцијата во Скопје, на вечера се сретнува со Сашо Мијалков и од него добива гаранција дека за неговата „кооперативност„ во истрагата ќе остане на слобода, без обвинение и со доверба од Фамилијата на власт, за да продолжи таму кај застанал Љупчо Пецов Ѓаволот. Со наркотрговија, разбира се.

На слобода останува и Тоше Зафиров Качакот, лојален на Ѓаволот се до неговото притворање, кога и тој му свртува грб. Понудено му е да си го зачува имотот, да си го продолжи луксузниот живот, да си ја продолжи релативно успешната билдерска кариера, да го задржи кафе барот „РЕЛАКС„ во Кисела Вода и клубот „Гладијатор„, инаку сместен за мала кирија баш во „ студентскиот дом „ПЕЛАГОНИЈА„ во Скопје. Зафиров и инаку е тежок за притворање и елиминација од нарко бизнисот, оти е екс телохранител на Никола Груевски и премногу видел и премногу знае за бизнисите на Фамилијата Груевски&Мијалкови. Од близината на Груевски е одстранет во 2009. кога има фатено за врат и малку давел еден министер од Владата, заради спорост во спроведувањето на тендерите за „АЛМА КОМЕРЦ„. Заради тоа давење на министер, бидејќи се занел и малку претерал, итно е одстранет од зад грбот на Груевски, за да не се занесе до степен некој ден евентуално да го грабне и Груевски за врат. Од обезбедувањето на Груевски е деградиран, суспендиран и симнат во ранг на обичен полицаец позорникар во Неготино. По неколку месеци боледување, глумење болен мајмун и избегнување да облече полициска униформа и да биде предмет на подсмев, дава отказ во МВР и речиси преку ноќ ги отвора кафе барот „Релакс„ и клубот „Гладијатор„. Станува успешен бизнисмен! Всушност, ги легализира парите спечалени од наркотрговија. Од партнерот Љупчо Пецов Ѓаволот добива награда да го вози гаволски брзото и скапо „Ламборџини„, (купено од наркотрговија!) за да си го поврати нарушениот углед во јавноста, особено пред сите оние кои сеиреле на неговата деградација во МВР. Така, Зафиров одеднаш, преку нок покажува многу голем капитал, несвојствен за до вчера вработен во МВР. Ама ако може пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски да стане милионер за половина од првиот мандат и да крие имотна картичка, може и Тошо Качакот.

По притворањето на Ѓаволот, бизнисот со кокаин во Неготино не застанува и не трпи. Го презема приведениот па пуштен, Александар Вељановски Цандо и станува нов шеф на локалното нарко милје. Освен што има свое место во локалното криминално подземје и е познат како таков на МВР и на Големиот Газда Мијалков, Цандо Вељановски во критичниот момент на започнување на акцијата „Керозин„ кога е приведен во ПС Неготино, покажал руски пасош. Неговата мајка е Русинка, некогаш вработена во ТЕЦ Неготино, а подоцна префрлена во седиштето на Газпром во Скопје. Веднаш се потегнати нејзините "руски врски", повикан е Мијалков, понудена му е соработка на синот контра Ѓаволот и „се што оди со тоа„. Па набрзо Цандо е пуштен. Денес јавно се фали дека „првата рака кокаин„ во Неготино оди преку него. Вељановски инаку има и агенција за обезбедување во Неготино, поседува неколку нови камиони за шверц на нафта, тргува со кокаин, а и добро е вдомен како зет во фамилија која поседува бензинска пумпа на излезот од Неготино кон Кавадарци. Поради наркотрговија, односите со тазбината му - длабоко се нарушени. Со очи не сакаат да го видат, ама го трпат од што мораат. И до сега беше силен поради блискоста со притворениот сопственик на „АЛМА КОМЕРЦ„, кого Цандо веќе го заборавил, а од сега е уште посилен по нововоспоставената калимера со Сашо Мијалков...

Во оваа прилика сакам да му се извинам на кавадаречкиот наркодилер Васо Крејзи, за кого во претходниот текст напишав дека кога бил "гол голчо" бацувал раце на неготински газди за по 100 денари. Ми се јави пријател од Неготино кој ми објасни дека на Васо Крејзи му било многу криво за ова и се јадосувал што сум напишал 100 а било 500 денари. И тоа не бацувал секому туку само раката на извесен екс претставник на Скопска пивара во Тиквешијата, по прекар Ластарот, кого оваа локална криминална екипа толку го малтретирала и рекетирала што си си ги собрал „пљачките„ и ја дувнал накај Шведска. И Васо Крејзи е преплашен од притвор во акцијата „Керозин„ и преплашен е од евентуалното излегување на Ѓаволот од таму, за да не го обвини него за „пеење„ во полиција. Васо веќе бил контактиран од Ѓаволот од притвор. Иако таму строго е забранета употреба на мобилен телефон, сепак по „тарифа„ од 500 евра по повик, од апарат на "проверен човек" близок на затворската управа, Ѓаволот ја ужива привилегијата да може да им се јавува на Васо Крејзи и сличните, кои сеуште му се плашат.

Сепак, Ѓаволот и сите останати актери од „Керозин„ највеќе се плашат од секторскиот началник во ПС Неготино, Трајче Камчев. Неколку години наназад колку што интензивно оперира оваа криминална група, Камчев е нивни соработник, покровител и заштитник во ПС Неготино и пред МВР, заштитник кој пуштал пријави против сите актери колку да ги има в раце и колку да може да ги уценува и рекетира, но редовно неговите пријави се со затајување на рокот од 90 дена од дознавање и неподнесување против пријавените во законски рок. Па пријавените и пријавите ги има, ама редовно биваат одбивани од основното јавно обвинителство, со што Трајче Камчев е чист оти ем сработел и поднел пријава, ама ете од што многу работи „немал време„ навреме да ги поднесе. Таков е случајот и со пријава за криминал против градоначалникот на Демир Капија, „сработена„ од Трајче Камчев, ама подоцна отфрлена од обвинителство. Нормално, за намерно пропуштениот рок, Камчев не пропуштил на пријавениот да му наплати рекет. Но овојпат, после акцијата „Керозин„ и особено после текстовите објавени овде, Трајче Камчев веќе не е безгрижниот и за ништо ненасекиран и смирен. Извори од Кавадарци ми јавуваат дека „појачано„ почнала косата да му обелува, насмевката му ја снемало на лицето, а се почесто пријатели во доверба му дошепнуваат дека стапот ке заигра и по него. Највеќе се плаши МВР да не изврши ревизија на неговото работење и за да не настрада некој од врвот на МВР да го пуштат по вода баш Трајчета. Ке нема кој да го спаси!

Трајче Камчев (ама и Ѓаволот, Цандо и останатите!) особено се плашат МВР и Обвинителството да не го повикаат на распит и да не му дадат статус на сведок/соработник на сопственикот на автосервисот „Алагис„, Душко Стојанов. Токму тој е „велемајсторот„ кој во неговиот сервис ги има сработено и преправено цистерните „Близначки„ запленети во акцијата „Керозин„. Вештаците и стручњаците од МВР ке треба да се направат слепи при очи па да не ги констатираат извршените преправки и да не се заинтересираат кој е мајсторот!? Душко Стојанов на барање на Ѓаволот ги има изработено бункерите за кокаин на цистерните и сите други преправки, потребни да врви бизнисот. Денес Душко на штрек и подготвено чека да биде повикан на распит и да ги понуди своите „пејачки услуги„, за да си го одбрани незаконски стекнатиот капитал, огромен и видлив со голо око...

  • Креирано на: 30.11.2012
  • Прегледано: 228.082