Web Statistics Burevesnik - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Непосредно пред првиот круг на гласање припадници на СВР Тетово, во центарот на градот го уапсиле својот колега и сограѓанин Никола Тимосиевски со 28.000 евра. Надевајќи се дека брзо ќе биде пуштен по интервенција на оној кој му ги дал тие пари, Тимосиевски прво молчел. Дури откако бил притворен и документиран, на своите колеги им признал дека парите ги примил од лидерот на ДПА, Мендух Тачи...

Според извор близок до неговото семејство кое две недели нема никаков контакт со уапсениот, парите на Тимосиевски му биле дадени лично од лидерот на ДПА за изборна корупција, поточно за купување на гласови од неалбанското население на овие локални избори. Никола Тимосиевски е поранешен припадник на единицата ЕБИ „Лавови„ а по конфликтот во 2001. година прво бил вработен во АРМ, па подоцна е префрлен во секторот за логистика во МВР и до апсењето работел како кучкар. На Мендух Тачи и неговите соработници од ДПА им се прикажал како способен за привлекување на т. н. „македонски гласови„ за ДПА на овие локални избори и за таа „операција„ барал и добил на располагање 28.000 евра, лично од Мендух Тачи.

Тимосиевски е следен и документиран од МВР заедно со Мендух Тачи, па веднаш откако ги добил парите го почекале да почне да агитира за да биде додокументиран и фатен на дело. Веднаш штом тргнал во предизборна „акција„ од кај тетовското Теќе, кај муслиманските гробишта, пред хотелот сопственост на екс градоначалникот Садула Беџети бил запрен од припадници на СВР Тетово и уапсен. Кај него биле пронајдени и парите со кои требало да купува гласови за ДПА. По приведувањето прво не сакал да каже од каде му се парите и зошто носи толку голем износ со себе. Сметал дека Мендух Тачи со брза „политичка интервенција„ ќе го спаси. Но, откако бил спроведен во притвор во кој се наоѓа повеќе од две недели сфатил дека спасот е во вистината па на истражните органи пред кои е изведен им признал дека примил 28.000 евра од Мендух Тачи, лидер на ДПА за купување на т. н. „македонски гласови„ во корист на кандидатот на оваа партија во Тетово.

Она што за јавноста е посебно интересно е податокот дека министерката Гордана Јанкуловска најстрого им забранила на сите од СВР Тетово кои знаат за овој случај на изборна корупција, било кому и било каде да кажуваат, затоа што секојдневно од денот кога Мендух Тачи дознал дека Тимосиевски признал дека парите му се од него, траат мачни преговори на релација ВМРО ДПМНЕ-ДПА, притвореникот да биде ослободен, а делото да биде заборавено. Сето тоа во име на некои добри стари времиња кога ДПА и ВМРО ДПМНЕ „сработувале„ заеднички криминални проекти за кои Мендух Тачи се заканил дека може да ги реактивира доколку случајот Тимосиевски не биде „анулиран„ и решен како никогаш и да не се случил...

На потег е раководството од „жолтата куќа„ кое на кантар ја мери штетата по ВМРО ДПМНЕ доколку овој тежок случај на изборна корупција го тера според Уставот и законите на Република Македонија...

  • Креирано на: 10.04.2013
  • Прегледано: 197.315