Web Statistics Burevesnik - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Неколку години по ред жителите на Неготино немо го набљудуваат растот на империјата на Љупче Пецов Ѓаволот, сопственик на „АЛМА КОМЕРЦ„. Знаат Неготинчани дека наркотрговија а не трговија со нафта и наместени тендери за снабдување на јавни институции е причина за прекуноќното збогатување на Ѓаволот. Полициската акција „КЕРОЗИН„ е само лоша театарска претстава на МВР ДПМНЕ, да се прикрие конфликтот помеѓу две криминални братства, одомаќинети во извршната власт... 

Тоа што граѓаните на Македонија за момент помислија дека ете власта решила да им стави крај на криминалните тендери на Љупчо Пецов Ѓаволот, сопственик на „АЛМА КОМЕРЦ„ од Неготино, дека ете веќе нема да се краде нафта од јавни институции со помош на цистерни „БЛИЗНАЦИ„, дека ете децата по школите и градинките веќе нема да се смрзнуваат – е една голема ЗАБЛУДА!

Пецо Ѓаволот само ќе биде исфрлен од игра оти многу лошо ја играл, а наместо него веќе е виден друг криминалец, Исмаил Јајоски со неговата „ПУЦКО ПЕТРОЛ„, зимзелен Торбеш, одамна кооперативен и мил и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ. Додека „ПУЦКО„ влезе во игра со тендерите (прво нели треба да плати „пиксла„ секаде каде „што треба„!?) уште некое време МВР ДПМНЕ ќе се обидува преку прес конференции и соопштенија да ја лаже и залажува јавноста со вести за божемни натамошни истражни дејства во рамки на акцијата „КЕРОЗИН„. Какви и да бидат тие истражни дејства, секако дека нема да допрат до сржта на криминалот поради темелот на целиот криминал – НАРКОТРГОВИЈАТА! Јавна тајна е дека екипата на Ѓаволот работела со кокаин и дека најголем обрт е направен токму од наркотрговија, а не од божемно крадење нафта со која се снабдувани јавните иниституции. Неспорно е дека има и криминал со нафта, дека Пецов бил омилен добитник на тендери за снабдување на јавни иниституции со нафта, избран лично од Никола Груевски и Сашо Мијалков, ама „математиките„ со нафтата биле само покритие да се исперат и парите од трговија со кокаин. Па затоа никако и не се сложуваат документите од набавките на нафта, испорачаните и потрошените количини, прекумерно набавените и исчезнати стотици илјади литри нафта, итн., итн...

И „КЕРОЗИН„ како и некои други слични акции на МВР во последните неколку месеци, е последица на „ДЕТОНАТОР„. Тогаш највеќе настрада екипата на Дејан Митревски УРКО, настрада и неговата сестрана Агенција за обезбедување „ЛУПУС„, поточно исчезна одеднаш и на нејзино место со хокејарска измена „влета„ „СГС„, сопственост на Сашо Мијалков. Па прашање на време беше кога Дејан Митревски УРКО ќе го врати ударот. Не моравме долгу да чекаме. Радосниот Љупчо Пецов Ѓаволот, до скоро, пред неговото апсење си ги имаше на своја страна и УРКО и Мијалков. Со тоа на своја страна го имаше и Никола Груевски. 

После „ДЕТОНАТОР„ и конфликтот меѓу Мијалков и УРКО, набрзо дошло до раслојување и поделби и во неготинската „ѓаволска„ екипа. Иако во неговиот кафе бар во центарот на Неготино на отворањето лично присуствувал Сашо Мијалков, сепак најчести ВИП гости биле и останале „урковци„. Што на Мијалков воопшто не му се допаѓало после „ДЕТОНАТОР„. Па Ѓаволот добил и „укажување„ лека полека од нив да се ослободува. Како што денес стојат работите, Ѓаволот или не успеал да се ослободи од „урковци„ или пак тоа го правел со многу бавно темпо, незадоволително за Сашо Мијалков. Инаку, за да биде потполна контролата над комплетниот криминален бизнис на Љупчо Пецов Ѓаволот, кај него во „АЛМА КОМЕРЦ„ последните неколку години е вработен Ангел Камчев, син на началникот на крим полиција во Неготино, Трајчо Камчев. Таткото исто така е на платен список, ама поради „конфликт на интереси„ исплатата кон него била вршена преку синот. Тоа е и најдобриот доказ дека екипата на Ѓаволот во вршењето на криминалот за кој сега е осомничена, ама и во наркотрговија, била најтесно поврзана со МВР и уживала заштита од полицијата и ВМРО ДПМНЕ. Друг доказ се бројните фотографии од дружба и служба на најблиските соработници и бизнис партнери на Ѓаволот со премиерот Груевски и неговиот прв „безбедњак„ УРКО. Фотографиите ги објавуваме во нашата галерија. А по желба можете и да си ги снимите ако сакате да ги имате во вашата приватна архива...

Она што денес го дознаваме од наши извори од Неготино, до „КЕРОЗИН„ доаѓа откако Љупчо Пецов Ѓаволот се скарал со извесен Дејан викан Смрче, некогаш голо и босо детиште гладно и жедно за успех преку ноќ. По кавгата со Пецов, Дејан Смрче со експресна прекуноќна брзина набавува нови камиони и коли, и оформува мини транспортна империја, бива поседник на неколку куќи. И сето тоа преку ноќ, како сопственик на фирмата „ТАНДЕМ„. За поголем и побрз успех му помага ортакот Тоше Тандем, телохранител на Никола Груевски, близок соработник и компањон на Дејан Митревски Урко. 

После „ДЕТОНАТОР„, Љупчо Пецов Ѓаволот сакал-нејќел морал да ја одстрани оваа екипа од своја близина, за да го задоволи Сашо Мијалков. Па влегува во конфликт со ортаците од фирмата „ТАНДЕМ„, јавно расчистува со нив во неговиот кафе бар во Неготино, за да има сведоци кои ќе пренесат вести до Мијалков. Арно ама, криминалот иако може да биде организиран до одреден степен, иако по дефиниција инволвира носители на јавни функции, сепак не може да биде контролиран по желба на организаторите. Дејан Митревски УРКО успева преку неговите послушници Дејан Смрче и Тошо Тандем (какви имиња за ликови блиски до Груевски!!!, з. а.) да испровоцира и намести реакција на полицијата, откако вооружени со предзнаења за неснабденост на училиштата со нафта за греење предизвикуваат реакција на неколку градоначалници од опозицијата притеснети од родители чии деца се смрзнуваат за одамна набавена и преплатена нафта. 

На крај се случи и апсење на Ѓаволот и неговиот син, се случи и театар со апсење на неколку возачи, театар со јавно лицитирање колку била голема штетата од криминалот со нафта, итн. Нема ни збор дека позадина е наркотрговија и конфликт помеѓу кланови во извршната власт, скарани околу превласт и поделба на профит од трговија и препродажба на кокаин...

Буревесник е првиот и единствен медиум кој тврди дека полициската акција „КЕРОЗИН„ смрди на КОКАИН...

  • Креирано на: 26.02.2012
  • Прегледано: 454.407