Web Statistics Не се секирај Пављо, умри си... - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Ова е сторија за струмичката, ама и за македонската надземна и подземна правосудна мафија. Во средината на април 2010 година, тогаш веќе стариот, изнемоштен и ограбен струмички пензионер Пављо Филчев,  ограбен и очаен ги дочекува ќерката Савета и зетот Бранко. Доаѓаат од Швајцарија каде живеат и работат долги години. Доаѓаат кај Пављо на Велигден. Ги дочекал со солзи: ,,Ме ограбија, бандата ме уништи, играат фудбал со мене!,, На Бранко и Савета не им било јасно за што им зборува стариот. Немале ниту од далеку поим со каква мафија се соочуваат, во каков лавиринт влегуваат...

ПИШУВА: Зоран Буревесник Божиновски

Станува збор за два договори од кои главниот е направен во 1994 година, со заложена хипотека од Васил Дoнев од с. Куклиш, струмичко, врз основа на приватна позајмица од 610.000 CHF, од коие се вратени 63.700 CHF кон Пављо Филчев и втор договор на износ од 150.000 CHF, направен со фалсификуван потпис на Пављо Филчев. На тој втор договор стои клаузула дека хипотеката изнесува 150.000 CHF. Судот во Струмица, подоцна кога измамата станува реалност, носи Решение дека Васил Донев му ги вратил парите на Филчев, ама нема никаков документ како доказ КОЈ ГИ ЗЕМАЛ ПАРИТЕ!? На повеќе барања од Савета и Бранко Петрови и Пављо Филчев додека бил жив, да им се покаже доказ КОЈ ги наплатил парите, во Основниот суд Струмица добивале одговор: ,,НАС ТОА НЕ НЕ ИНТЕРЕСИРА!,,.

Измамените Петрови и Филчев, наивно верувале дека криминалот организиран од група селани од Куклиш е лесен за разрешување од судот во Струмица кој постои за да се справува со такви. Не ни можеле да замислат дека тие селани го контролираат судот. Дека го вовлекле во грабежот на Филчев баш секој кој им се нашол на патот на остварување на целта. Во април 2010 кога Петрови дошле во Струмица, адвокат на Филчев била Наташа Поп Трајкова, подоцна основен јавен обвинител во Струмица, регрутирана преку тефтерчето на Горде. Адвокатката Поп Трајкова кога ја посетиле им рекла: ,,Дојдете утре, ќе ви кажам до каде е предметот.,,

Утредента им ја кажала суровата вистина: ,,Луѓе, не знам како да ви кажам! Вие немате ништо за земање! Предметот е завршен и архивиран, претходните адвокати на Пављо направиле дар мар, се ставиле на нула!,,. Таа тоа не го дознала во еден ден, го знаела истото и ден порано на првата средба со Савета и Бранко Петрови. Таа имала долга преписка со министерството за правда и со судскиот совет, најдетално ги известила што се случува и како е ограбен Пављо Филчев. Ама, на средбата вториот ден кога смогнала сили да им ја каже вистината, им кажала: ,,Кога пребарува по архивата на судот во Струмица, за потребите на предметот на Филчев, од службеник добив закана дека ќе ми летне главата ако и понатаму истрајувам да истерам правда за клиентот! Одете на друго место, ќе ме убијат овие, не смеам да го работам предметот повеќе. Пријавете во полицијата и барајте помош, јас не можам веќе да помоагам, премногу ризикував и до сега!,,.

Шокирани од чуеното, Петрови барале начин како да дојдат до министерството за правда. Наивно верувале дека таму се бара правда. На 22 април 2010 во 17 часот Бранко Петров бил примен од тогашниот министер за правда, Михајло Маневски. Му рекол на Петров: ,,Вие сте излажани, ова е чудо невидено, веднаш да го пријавите случајот во полицијата во Струмица!,,. Петрови пријавуваат следниот ден. Во СВР Струмица ги примил инспектор Васко Тодоров. Дале изјава, доставиле докази, целиот предмет до последно ливче. Добиле уверување дека ќе биде постапено, ќе бидат повикани кога ќе има информации за случајот. Го пријавуваат и моментот со загрозеноста на животот на адвокатката, подоцна обвинителка Наташа Поп Трајкова. И во момент на пријавувањето и подоцна, во декември истата година, на 09.12.2010, адвокатката Поп Трајкова сеуште имала полномошно од Филчев и го застапувала во процес пред судијката Василка Василева. Таа пак на Пављо во една прилика му рекла: ,,Греота е што се прави со тебе, ама јас ќе се потрудам да го решам случајот!,,. Го решила така што се тргнала од предметот, а бил предаден на судење кај судијата Лазар Гичев. Тој ништо не ветувал и не зборел, го држел предметот во фиока и не судел. Во меѓувреме Петрови дошле во посед на фалсификуван договор на штета на Пављо Филчев, направен од бандата која го ограбила. Фалсификуван, ама за судот во Струмица валиден и со важност како да е оригинал.

Во јули 2010 година Петрови додека барале помош на сите страни, преку доктор Јован Поп Дамков од Гевгелија се запознаваат со Димче Цицаров од Велес кој им е претставен како вработен во УБК, како влијателен и многу близок со луѓе од владата на тогашниот премиер Никола Груевски. Цицаров на Петрови им се претставил како близок со Сашо Мијалков, со Филимена и Михајло Маневски и други звучни имиња од ВМРО ДПМНЕ, ама од пониските ешалони. Бидејќи му верувале на докторот Поп Дамков, лесно му поверувале на Цицаров па Пављо Филчев му дал на Цицаров полномошно да помага во решавање и водење на предметот, да биде присутен на судските рочишта заедно со адвокатот, бидејќи стариот Филчев ем бил немоќен ем не можел јасно да разбере што точно се случува...

Димче Цицаров воопшто не губел време, па после добивањето полномошно, се сретнал со бандата која го ограбила старецот и се здружил со нив. Веднаш станал одличен пријател со главниот лик во грабежот, Васил Донев од с. Куклиш, струмичко. Претходно Цицаров од познаниците со кои се фалел дека е близок (Маневски, Мијалков и други), дознал дека Филчев нема шанси да си ги добие парите за кои е ограбен и дека му е најпрофитабилно да им се придружи на криминалците. Затоа, со уверување дека ќе им помогне, Цицаров од Филчев и Петрови наплатил 18.000 CHF. Им објаснил дека му се потребни за ангажман на графолози, инспектори од МВР специјалисти за разни области, вештаци и слични велемајстори, ама за разни измами. Ги излажал дека и адвокатот Саво Коцарев ќе го вклучи да помогне и да го води предметот, за што се потребни 2.500  ЕУР, за почеток. Дека се измамени од Цицаров измамените дознале откако на следни три судски рочишта Димче Цицаров не се појавил воопшто, а не им бил ни достапен за контакт. Ни Саво Коцарев никаде го немало, па сфатиле дека Цицаров само го злоупотребил неговото име. Го пријавиле Цицаров за измама, ама од неа нема никаков епилог, бидејќи пријавиле таму каде лично имал силно влијание, во полиција.

Марина Абрашева го судела предметот на Филчев. Подоцна станала претседател на Основниот суд Струмица. Донела пресуда од 6 месеци затвор за Донев и да врати 842.000 денари. Петрови и Филчев барале на пресудата да се стави печат, да може да ја предадат кај извршител, да се забрза процесот, ама вработена службеничка во судот во Струмица, извесна Вангелица наместо да стави правосилен печат им рекла дека предметот итно го побарал Марко Зврлевски, тогаш републички јавен обвинител, а на нив им советувала да се интересираат секои две недели до каде е работата, им дала број на телефон со број на локал. Брзо сфатиле дека ги лаже, бидејќи на секое јавување добивале ист одговор: ,,Стрпете се, предметот е кај Марко Зврлевски!,,.

Зетот на Филчев, Бранко Петров, потоа се вдал во потрага да најде начин да влезе кај Зврлевски. На портирница во ЈО на РМ бил насочен кај обвинителка која му се претставила како Лидија. Таа побарала од него да го најде бројот на предметот под кој се води во судот во Струмица. И објаснил за што точно се работи, детално раскажал низ што поминале, ги кажал и имињата на оние за кои слушнал дека се инволвирани. Ја соопштил и огромната цифра од повеќе стотици илјади швајцарски франци колку што ,,тежи,, измамата. Обвинителката ,,Лидија,, инсистирала на сите, најситни детали. Му кажала на Петров сето тоа да го срочи во една пријава и да го адресира на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, што е направено и предадено ,,кај Зврлевски,, на 29 јуни 2013 година. Подоцна Петров дознава дека Зврлевски никаков поим немал дека постои нивниот предмет. Се што пријавувале стигнувало до секретарка по име Оливера и ни чекор понатаму. Таа била ,,филтерот,,. Бандата нашла начин како да постави блокада секаде каде што Петрови и Филчев оделе да бараат помош. Секаде имало ,,филтри,,...

Во меѓувреме додека оштетените шетале по институции, Апелациониот суд Штип носи одлука дека жалбата на Петрови и Филчев е одбиена, дека нивното барање за повторување на постапка се одбива бидејќи Савета Петрова како тестаментален наследник на Филчев не може да повторува постапка, не е овластена за такво нешто. Апелација Штип донела одлука дека Савета Петрова не била присутна во процесот во кој се судело по тужба од Пављо Филчев, па само тој лично можел да бара повторување на постапка. Секако дека ова било лага, бидејќи додека Филчев бил жив, барал од Основен суд Струмица во 2009, во 2010, во 2011 (вкупно ШЕСТ пати!) да судат по закон, ама никогаш ништо не му одговориле. Само го криеле предметот затоа што скоро половина од вработените на некаков начин биле вмешани во грабежот. Ако не директно, тогаш биле вмешани така што знаеле што се случува, ама молчеле.

Трагајќи по вистината и собирајќи докази за да го сложат мозаикот, измамените во 2015 година дознале дека има решение за присилна наплата кај извршителката од Струмица, Саветка Георгиева, на износ од 393.193 CHF. Во тестаментот на Филчев со кој ќерката Савета е именувана како наследничка, наместо да стои износот на вкупниот долг од Доневи, било впишано дека за наплата има 15.726.720 денари, иако 393.193 CHF изнесуваат 22. 000.000 денари. Фрапантно е дека извршителката Саветка Георгиева на 20 април 2018 на Петрови им дала писмен доказ дека Пављо Филчев имал за наплата од должниците 610.000 ЕУР или 37.000.000 денари, заклучно со 31 јануари 2010 година. Тестаментот е правен во 2015 година, а претходно се правени фалсификувани договори за учесниците во склопување на тестаментот. Именувани се извршителката Георгиева, судијката Лидија Аризанова, адвокатот Милош Пертемов и нотар Стевица Јанева, која подоцна го отворила тестаментот.

Откако Петрови ја сфатиле измамата, ја прашале нотарката Јанева за деталите, НЕ добиле одговор, ама подоцна од вработена кај нотарката дознале дека и Јанева и таа ја молеле судијката Аризанова да се исправи грешката, ама таа не сакала да чуе за тоа. Не сакала бидејќи добро знаела во што е вмешана и што треба да прави. Слично или исто си поминале и со адвокатот Милош Пертемов. Ги лажел дека ќе пријави во МВР во Скопје, дека ќе вложи максимални напори да помогне да се разоткрие измамата, ама на крај им кажал на Петрови дека не може ништо да помогне. Додека ги ,,возел,, им наплатил 70.000 денари.

Инаку, предметот на Пављо Филчев го работеле:

Основен јавен обвинител од Струмица Георги Панов во 2010 година

Основен јавен обвинител од Струмица Томе Божиков во 2011 година

Основен јавен обвинител од Струмица Милица Гаврилова во 2014 година

Тања Малинова, адвокат на должниците

Претседател на совет во Апелационен суд Штип Боге Илиев

Адвокат Славчо Петров

Нотар Славица Маџункова

Судијка од Основен суд Струмица Цона Каламерникова

Судија од Основен суд Струмица Марина Абрашева

Претседател на совет на Апелационен суд Штип Киро Бојаџиски

Обвинител од ЈО на РМ Воислав Гавровски

Јавен обвинител Методи Иванов и ДРУГИ...

Целата работа во оваа измама е темелот – ПРОМАШУВАЊЕТО ВО ПРОЦЕНКАТА ДЕКА ЗА ОГРАБЕНИТЕ СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ШАЈЦАРСКИ ФРАНЦИ, никогаш и никој нема да се појави да ги бара! Туку пресметале дека Филчев ќе го соголат, дека ќе се разболи и умре, а случајот ќе се заборави брзо, како ништо да не било. Немале поим дека неговата ќерка Савета Петрова е наследничка со тестамент. Дури откако дознаваат за тестаментот, Доневи, таткото и синот, длабоко вкоренети во ВМРО ДПМНЕ, со ограбените пари од Филчев, организираат криминална машинерија во судството и обвинителството за да го одбранат украденото, а себе да се спасат од долгогодишен затвор.

Машинеријата која се вклучила да им помогне во намерите и остварувањето на планот за одбрана на грабежот, функционира беспрекорно и ден денес, кога ,,Нема мир додека нема правда,,, кога ,,суСтвото и опШеството,, се реформираат,,. Пављо Филчев со години е мртов, а наследничката Савета и нејзиниот сопруг Бранко, со адвокат од Струга тераат процеси во кои организираната правосудна мафија од Струмица, засилена со мафија од Апелација Штип, упорно ги одбива сите нивни аргументи и докази за да пресуди според закон. Каде и да појдат, што и да пробаат, Доневи секогаш се чекор понапред, со потег на нивна штета, во корист на криминалот во кој тоне Република Македонија.

Во целата измама клучна фигура е должникот Васил Донев од с. Куклиш, поранешен адвокат, денес извршител од Струмица. Сите години после милионската измама на Пављо Филчев, Васил Донев има заштита од ВМРО ДПМНЕ, како нивни член и како татко на претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Струмица. Заедно со Васил Донев во измамата е вмешана и нотарката Стевица Јанева, блиска роднина на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, па по таа линија црпат сила и моќ да ја бранат измамата и идно процесуирање поради огромната финансиска измама.

Невини и наивни во измамата се моќните фигури од актуелната владејачка партија СДСМ. Тие се зафатени со реформи на ,,суСтвото и опШеството,,, па за измамени и оштетени како починатиот Филчев и наследниците Петрови, немаат ниту време ниту волја да размислуваат, а не и да помогнат. Немо, политички опортуно набљудуваат. Сепак со ВМРО ДПМНЕ имаат долгогодишен ПАКТ ЗА НЕНАПАЃАЊЕ во вакви случаи, поради сличната антиграѓанска политика кога се постапува во вакви предмети. И тие си имаат ,,свои,, адвокати, нотари, судии, обвинители. Од далеку се пазат. СДСМ се невини, наивни и неопитни набљудувачи. Помагаат на граѓани само во предизборна кампања, со она препознатливо: ,,ЌЕ БИДЕ, НЕ СЕ СЕКИРАЈ, САМО НИЕ ДА ДОЈДЕМЕ НА ВЛАСТ!,,...

Пављо Филчев повеќекратно го дочекал и испратил социјалдемократското доаѓање и одење од власт, умрел ама правда од нив не дочекал. На правда од ВМРО ДПМНЕ не се ни надевал. И Петрови упорно ја чекаат, додека во меѓувреме сонуваат за ,,швајцарска правда,, во Македонија!