Web Statistics Оптичарска сонувалка - Burevesnik
Macedonian Albanian English

Она што го суделе и пресудувале судии во Основниот суд Битола, на најочигледна штета на семејството Сивакови во случајот на насилно одземање на нивната куќа, претставува класичен модел на организиран криминал. Подземјето нарачува, судии судат како што е нарачано, а обвинителството пет години крие предмет против извршителката Николина Иванова од Битола. Еден комплетен хаос, чист пример на заробена држава каква е Македонија...


Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

По незаконското извршување и незаконско одземање на шесткратно поголем имот отколку што изнесува основниот долг, битолската извршителка успеала да го ,,клекне,, корумпираното ОЈО Битола и да го држи до денес во таква, непристојно клекната положба, иако против неа има ПОСЕБЕН ИЗВЕШТАЈ изготвен од СВР Битола веднаш откако оваа бескрупулозна кражба се случила. Пред точно пет години и три месеци, припадниците на секторот за сузбивање на економски криминал при СВР Битола, спровеле истрага и во сосема краток рок собрале докази против битолската извршителка Николина Иванова, па преку посебен извештај против неа поднеле пријава до ОЈО Битола. Но, поради корупција и моќ рефлектирана преку Сашо Мијалков до пад од власт, а подоцна поради моќта на бизнис партнерот на извршителката Јорго Шундовски и уште неколкумина влијателни социјалдемократи од локалното битолско социјалдемократско милје, кривичната пријава против неа, едвај некако прогледува светлост на денот последниве денови. Конечно, на 30 август обвинител од ОЈО Битола закажал сослушување на неколкумина сведоци против Иванова. Ќе видиме како тоа ќе заврши и дали ќе биде почитуван законот. Со овој состав на ОЈО Битола можно е да се ,,изроди,, и кривична пријава против Љиљана Сивакова поради дрскост да ја вознемирува бизнис партнерката на Шундовски и т. н. ,,Стрежевски клан,,, градители на нови станови по Битола, во кои Николина го инвестира она што ќе го украде од монтираните и монструозни извршувања по Битола и околните места.

Според обемот на јавувања деновиве, после првиот објавен текст за Хигиеничарката од Битола и мојот повик да се јавуваат сите оние кои го осетиле камшикот на оваа бескрупулозна жена, можам најслободно да оценам дека обемот на вкупната штета може да се измери со штета од еден МАЛ ТАТ, кој ја зацрни Битола во време кога Јорго Шундовски како ,,министер во тренерки,, асистираше владата на Бранко Црвенковски да го опљачка градот, а над 150 битолчани наведе на самоубиство со бесење по шумите на Пелистер. Грабежот што Николина Иванова денес го спроведува, за разлика од ТАТ, е многу поефикасен, пософистициран, планиран е како убиство со умисла. Тука Јорго Шундовски е идеален партнер. Ако ТАТ на Шундовски му ,,експлодираше,, ненадејно и непланирано, ако ,,експлодираше,, неконтролирано, системот на извршителски грабеж предводен од Николина Иванова е сосема прецизно испланиран, контролата е потполна, сите институции на системот се впрегнати во извршувањата, банките се кооперативни и максимално и помагаат на Николина Иванова со точни и прецизни податоци кои тоа кредитокорисници доцнат со рати од лихварските кредити што им ги даваат, кој што поседува од вредност за одземање (куќа, стан, дуќан), кој е способен минимален долг да исплати преку максимален износ на безброј рати, како клиентот да биде ,,возен,, од банката доволно долго за да заврши процесот на насилна заплена на пленот а жртвата да не може да уплати и да си го спаси ,,маркираното,, од Николина, како да се организира измислена лицитација за која жртвата поим нема каде се одржува, кога и која е почетната цена на имотот што го губи и слично. На крај, ако се случи некој како жртвата Љиљана Сивакова да се впушти во долгогодишен процес да се бори за својот имот, тука се судот во Битола и обвинителството. Судот суди, ја исмејува жртвата во стил на корумпираната Злата Маџарова, патем од судечко место повикувајќи ги џелатите да ги праша дали жртвата ќе ја ликвидираат крајно грубо или понежно, има ли за неа олеснителни околности или нема. Обвинителството пак служи, да ја ,,вози,, жртвата со години на онаа надалеку прочуена фраза ,,Водиме истрага, имаме индиции, имаме некои докази, ама уште недоволно за формирање предмет...,,, и така натаму!

Затоа и се случува правна трагедија кога ОЈО Битола во 2016 година на Љиљана Сивакова ќе и соопшти дека не може да прифати нејзина кривична пријава, со цитирање член од законот за извршување кој врска нема со извршување туку гласи сосема спротивно од она што навистина пишува во законот. Истото тоа обвинителство е тотално слепо поради корумпираност, на очигледен факт дека на дури 42 фалсификувани доставници од извршителката Николина Иванова кои наводно ги доставила до Сивакова, упорно стои ФАЛСИФИКУВАН потпис на Љиљана Сивакова дека ги примила, а се однесуваат на закажана лицитација која пак Иванова никогаш не ја одржала. Обвинителството не сака да примени закон, не сака да постапи и да ја утврди досадната вистина дека Иванова е фалсификаторка на туѓ потпис за да ја доведе во заблуда својата жртва Сивакова, за да и одземе имот вреден над 300.000 евра, за долг од 54.000. Нејќе обвинителството пет години и неколку месеци плус, да утврди досадна вистина која гласи: Иванова фалсификувала и потпис на полномоштво од Сивакови, за да ги доведе во заблуда.

Паралелно со Сивакови, извршителката и нејзиниот суфлер Јорго Шундовски, во заблуда ги довеле и браќата Драги и Зоран Стевановски, познати како Рамбовци. Пред да се впушти во авантура на одземање на имот кој не и припаѓа по ниедно право, Иванова без лицитација, без претходно известување на сопственичката на куќата, без минимално почитување на законската процедура, низ сосема криминален процес одземениот имот од Сивакова вреден над 300.000 евра, им ја ,,продала,, на браќата Рамбовци. Основен доказ дека сосема незаконски го извела ова е фактот дека Рамбовци куќата ја купиле на наводна лицитација за која никој поим нема кога е одржана и никој не видел записник од таа лицитација, а криминалните дејства се сосема видливи и расветлени од податокот дека после стекнувањето со имотот на Сивакови, браќата Зоран и Драги не можеле цели четири години да се впишат како сопственици на имотот на Сивакови во катастар. Впишани се како сопственици дури пред две години, на којзнае кој начин, после сите претходни криминални дејства од страна на Николина Иванова. Последен индикативен момент и доказ дека браќата Рамбовци знаат дека Николина Иванова ги измамила и внела во игра која не им носи добивка е податокот дека иако се сопственици две години според катастарските книги, сепак во куќата на Сивакови тие не се вселуваат. Ама не ја ни продаваат понатаму како нови сопственици.

Најверојатно имаат умни советници кои знаат дека кривичната истрага против Николина Иванова порано или подоцна ќе биде покрената и дека не само што е евидентно дека ќе заврши со пресуда и ќе биде прогласена за виновна, туку тие со натамошна препродажба на куќата и имотот на Сивакови можат да влезат во огромна финансиска дубиоза која може во иднина малку поскапо да ги чини од она што досега го платиле. Ако го платиле!? Со нив допрва треба да се сретнам, ќе барам од нив прецизни и експлицитни изјави, сакам од нив точно да дознаам која е нивната улога во овој хаос, дали и тие се жртви или се соучесници. Сакам од нив да добијам и копија од фантомската лицитација на која ја купиле куќата. Можеби ќе сакаат да ми дадат во фотокопија целосна документација, па да утврдиме што е што во овој случај...

Во меѓувреме ги разгледувам останатите непобитни факти. Николина Иванова својата намера да се дограби до имотот на Сивакови, направила две сосема катастрофални грешки. Нејзина наводна основна намера, според законот за извршување била од Сивакови да наплати 47.000 евра плус камати кои износот го качуваат до 54.000 евра. Но, направила се, во соработка со банката да ја оневозможи Љиљана Сивакова тој долг да и го плати, откако оваа на сосема индиректен начин дознала дека постои ризик да си ја изгуби куќата и дворното место вредни над 300.000 евра. Тука Иванова прави две намерни правно катастрофални грешки. Првата е фактот дека на име на фирмата на Сивакови се впишани како имот два нови камиони, заради кои е и подигнат кредитот. Двата камиони вредат скоро колку и основниот долг кој Сивакови го должат по кредитот. Значи, прво можела ,,ладно,, да се намири од двата камиони и да издејствува со тоа Сивакови кон банката да си го намират долгот од само ТРИ заостанати рати и казнена камата поради задоцнувањето. Тука е криминално однесувањето и на банката која туку така губи солиден и солвентен клиент од кој не сака долгогодишна отплата на кредит. Испаѓа дека банката нејќе клиент и не се грижи за клиентот, туку известува извршители како Николина за да се одземе шесткратно поголем имот од вредноста на основниот долг кој се покрива со купените камиони. Банката кредитор од оваа криминална игра не може да се изземе.

Втор катастрофален пропуст кој повторно води кон заклучок дека Николина Иванова била заинтересирана исклучиво за 300.000 евра вредниот плен, е податокот дека Љиљана Сивакова во момент на бескрупулозниот напад од Иванова и помагачите како Шундовски, ИМАЛА и денес има цел спрат од куќа на нејзините родители во центарот на Битола, најмалку двојно повредна недвижнина од вредноста на долгот од 54.000 евра. Ако Николина Иванова веќе не ги сакала камионите од фирмата на Сивакови, можела апсолутно непречено да се впише во недвижнината на Сивакова, дел од родителскиот дом на Љиљана. НЕ, ИВАНОВА ГО САКАЛА ПЛЕНОТ ОД 300.000 ЕВРА!!! И тука направила катастрофална грешка и кривично правно заглавила. Кога веќе незаконски ја запленила куќата на Сивакови, се полакомила и по дворното место кое не е оптоварено со хипотека. Не можела да се воздржи да не го заплени и дворот прекрасно хортикултурно уреден и преполн со зимзелени повеќегодишни дрвја. Сакала и оваа убавина да си ја присвои, оти кога тргнувала во освојувачки поход на Битола од родното село Оптичари, сонувала чорбаџика да стане. Подсвеста е опасна работа, особено кога плениш туѓо, до кое по ниеден основ не можеш да дојдеш на легален начин. Селанката од Оптичари наивно наседнала и посегнала да стане поседник на двор од 600 квм со каскади, модерно уреден со светла на столбови.

Последната фатална грешка е обезвреднувањето на куќата за точно 6.870 000 денари, за да може што побрзо да ја продаде, откако сфатила во која каша се нашла и какви глупости направила, откако Иванова сфатила со кого си има работа, откако се научила дека Сивакови се стара градска фамилија и дека оваа насилна заплена нема да помине без врева во јавноста. Фактот дека веднаш ја обезвреднила куќата за скоро 7 милиони денари покажува дека имала ПРЕДУМИСЛА ВО ОВОЈ ТЕЖОК ЗЛОСТОР. Мој соговорник од СВР Битола кој работел на собирање докази и доставување до ОЈО Битола, ми тврди дека сето ова што го пишувам многу подетално и со цврсти докази е доставено до обвинителството и дека од вистината нема да може да се бега, порано или подоцна ќе мора да биде постапено. Тоа порано или подоцна е овој месец, идната недела, кога обвинител од ОЈО Битола почнува со сослушување на сведоци, што е практично прво поголемо отворање на сериозна истрага за подигање на обвинителен акт против Николина Иванова, за тешки злоупотреби според КЗ.

ОЈО Битола нема да може да го избегне очигледното намерно избегнување на Николина Иванова на Член 5 од законот за извршување кој ја задолжува извршувањето да го спроведе по најповолен пат за должникот а не да го спроведе со најтешки последици, без нејзино знаење. ОЈО Битола ќе мора да ја соочи Николина Иванова и со фактот дека лажела кога тврдела дека не употребила фалсификувано полномошно во извршувањето, а има докази дека го злоупотребила за време на спроведено фантомско ТРЕТО усно наддавање. Таа најдрско изготвила записник во кој впишала дека, цитирам: ,,Васил Сиваков како полномошник бил присутен на усното јавно наддавање...,, Тоа едноставно не е точно, бидејќи Иванова ова го измислила, а на судење кај судијата Злата Маџарова дури и изјавила дека КРИЕЛА од Сивакови дека извршувањето е во тек, за да не им прави дома кавга. Ама судијката се сетила што изјавила Иванова, па тој дел од нејзиниот исказ едноставно не го внела во записник, со оценка дека ,,ИВАНОВА НЕ МИСЛЕЛА ТАКА!,, Маџарова знаела дека Иванова си копа јама сама на себе со такво признание, па ја спасила од кривичен прогон. Сведок на оваа бламажа на судијката Маџарова е адвокатката Маја Несторовска Дојчиновска, тогаш застапничка на Сивакова. ОЈО Битола треба и Несторовска Дојчиновска да ја повика сведок.

Последен кривично правен детал од покрупна природа со кој ОЈО Битола треба да се позабави е фактот дека Николина Иванова направила намерен пропуст кршејќи го и член 6 од Законот за извршување според кој е ДОЛЖНА да ја извести Љиљана Сивакова дека и предстои извршување од поголем обем и да и даде РОК ОД ЕДНА НЕДЕЛА должничката Сивакова да си најде начин да понуди друг подвижен или недвижен имот кој го поседува за да си го намири основниот долг од 54.000 евра. Ниту ова не е сторено. Напротив, Николина Иванова сторила се што било во нејзина моќ, заедно со помагачите од формат на Јорго Шундовски, Сивакови да бидат оневозможени било преку банка било лично кај Иванова да си го намират долгот.

Извршителката од Оптичари имала само една единствена крајна цел: куќата и доворното место вредни над 300.000 евра...

п. с. со помош на влијателни фигури од СДСМ Битола, како и со помош на Јорго Шундовски, Николина Иванова успеала пред повеќе од месец дена да ја вработи ќерката во битолското правосудство. Детето треба идниот период да се обучува, да достигне еден сончев ден до судијка, функција која ќе биде впрегната во одбрана на криминалните интереси на мајка и и на разни Шундовци...

НАПОМЕНА: поседувам во фотокопија докази на околу 300 страници, поврзани со овој случај. За да оставам простор ОЈО Битола да си ја заврши својата работа, доказите уште барем десетина дена нема да ги објавувам, за да не им пречам на обвинителите...

                                                                (продолжува)